Веселин Вујовиќ се наоѓа во центарот на вниманието на ракометната јавност во регионот, откако трофејниот стручњак ја прифати понудата за враќање на кормилото на Вардар. Црногорскиот стручњак пред неколку дена ја имаше својата промоција во Скопје, веќе работи на дополнување на проблематичните позиции во тимот, за кој претседателот Михајловски најави дека очекува да биде значително посилен од оној во изминатата сезона.
Вујовиќ во интервју за „Балкан хендбол“ повторно упати бројни комплименти на адреса на својот претходник Стевче Алушовски, со кого „Вујо Мајсторе“ долги години е добар пријател.
„Мое мислење е дека Алушовски е добар тренер и феноменален човек. Има некој недостаток на харизма, нешто што на луѓето не им се допаѓа. Јас знам, тој само изгледа така, но Стевче Алушовски е човек со едно големо срце. Стевче е прекрасен човек, би го носел на грб до Ниш каков човек е. Но, тоа луѓето не го знаат. Тие само ги гледаат тие гестови на телевизија и така градат мислење за него“, изјави Вујовиќ за „Balkan-handball“.
Новиот тренер на Вардар се осврна и на критиките на Стојанче Стоилов на негова адреса, кога капитенот застана на страната на Алушовски тврдејќи дека управата би го вратила клубот десет години наназад доколку Вујовиќ повторно биде тренер.
„Не сакам да навлегувам се додека не слушнам од самиот Стоилов, што мислеше со тоа што го кажа дека Вардар ќе се врати десет години назад. Тој изгледаше како да го брани Алушовски, но една работа – Столе треба да ги објасни гестовите на непочитување кон Стевче на тајм-аутите. Мора прво да го направи тоа, а потоа да се залага за него“, истакна Веселин Вујовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА