Вујовиќ: Данците се загубија во Скопје, Гурбиндо сакаше да замине поради подобар договор

Веселин Вујовиќ се врати во редовите на Вардар со цел да го задржи клубот на врвот на европската сцена, а по три одиграни натпревари во Лигата на Шампионите работите се чинат идеални за „црвено-црните“. Вардар сеуште не знае за пораз, а притоа во СЦ „Јане Санданскки“ беше совладан дански Алборг со 30-28.

Во интервју за хрватскиот медиум „Спортски новости“, предводникот на вардарци говореше на повеќе теми, а една од нив беше токму данскиот клуб за кој вели дека му се „омилен“ противник.

„Ги победивме Данците кои понекогаш мислат дека го измислија и животот и ракометот. Нив ги победив и со Загреб, мислам дека тоа е последната победа на тимот во ЛШ. Минатата година играа во амбиент без публика, а сега не знаеја каде се, на која страна „удираат“, иако на трибини беа само 2.500 луѓе поради пандемијата. Ја гледав нивната средба со Загреб и оние цепелини кои ги правеа на +10, тоа ме мотивираше да им покажам дека не може тоа така да се прави. Одигравме баш добар меч“, вели Вујо.

Притоа искусниот стратег се осврна и кон заминувањето на Гурбиндо кој беше најавен како огромно засилување, но и за браќата Нијокас со кои Вардар доби играчи од врвна класа.

„Ми се случи Гурбиндо да покажува незадоволство затоа што во Романија можеше да добие подобар договор. Потоа почна да измислува работи и во таа ситуација ги најдовме браќата Њокас кои не ги планиравме. И, ете, бев миленик на среќата, добив два врвни играчи, кои додуша, мислат дека шутот секогаш е најдобро решение, но мора да бидат под контрола. Сега имаме мирна и добра ситуација. Публиката ни ги крена амбициите, но без разлика на се ние не сме фаворити со секого. Цврсто стојам на земја, свесен сум дека ова е само еден добар почеток“, додаде Вујо.

Се вчитува...