Вујовиќ: Ништо не е чудно што сум во Скопје, јас постојано го следам Вардар

Легендарниот ракометен стратег Веселин Вујовиќ од трибините во „Јане Сандански“ вчера го следеше последниот натпревар на Вардар во македонскиот шампионат и освојувањето на новиот трофеј.

Не е никаква тајна дека Вујовиќ се најавува како новиот стратег на „вардарци“ за наредната сезона, иако се уште околу тренерската позиција ќе се разговара по крајот на активностите и во СЕХА-лигата.

Популарниот Вујо, пак, вели дека ништо нема чудно во неговото присуство во Скопје затоа што секогаш го следи својот Вардар секогаш кога е во можност.

„Јас често доаѓам во Скопје и секогаш го следам Вардар кога сум во можност. А, ова беше една убава можност да се сретнам со пријателите, и ракометните и оние другите, посебно кога Вардар прославува титула“ – ни изјави кратко Вујовиќ по вчерашниот дуел на „црвено-црните“.

Вујовиќ натпреварот го следеше во друштво и на првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски кој, пак, од претходно не крие дека по крајот на сезоната ќе има разговори околу тренерската позиција за следната сезона. Ќе има разговори и со актуелниот стратег Алушовски, но и со Вујовиќ.

Стевче Алушовски, пак, во разговор со медиумите по шампионската круна информираше дека најверојатно нема да биде на клупата на „вардарци“ по крајот на сезоната.

Се вчитува...