Вујовиќ: Одиме да се надигруваме во Кил како дополнителна мотивација за мечевите против Загреб и Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Вардар утре ќе му гостуваат на германски Кил во натпревар од 9. коло во Лигата на шампионите. По серијата од пет порази „црвено-црните“ ќе имаат неверојатно тешка задача да ја прекинат серијата порази на секогаш тешкиот терен во Кил.

Тренерот на „вардарци“ Веселин Вујовиќ вели дека ниту еден тим не е фаворит кога гостува во Кил, но дека тие ќе одиграат најдобро што можат како мотивација за клучните натпревари против Загреб во ЛШ и Еурофарм Пелистер во домашниот шампионат.

„Не чекаат три исклучително важни натпревари. Првата ни е на гости кај Кил. Секако дека не сме фаворити во Кил бидејќи ниту една екипа во Европа не е фаворит во Кил. Но би било добро да одиграме квалитетен натпревар бидејќи тоа ќе ни биде дополнителна мотивација пред мечот на гости со Загреб и гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер. Повторно имаме проблеми во тимот. Гаџа доби вироза и нема да патува во Германија. Кудуз се враќа иако не е стоотстотно подготвен. Борко Ристовски се уште не е опоравен, но се надевам дека набрзо ќе го имаме. Од три натпревари кои не чекаат, две победи се мелем за сите нас. Очекуваме да дадеме максимум и на некој начин првиот ден од сезоната да го завршиме позитивно“, вели Вујовиќ. 

Натпреварот меѓу Кил и Вардар ќе се игра утре со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...