Вујовиќ: Сериозен играч веќе нема да дојде во Вардар, само еден човек може да го спаси

Долгогодишниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, во подкаст-разговор за „Балкан Хендбол“ ја прокоментира ситуацијата во која се наоѓа актуелниот македонски и европски првак.

„Сергеј Самсоненко направи многу добри работи, вложи многу пари и неговите успеси ќе останат засекогаш. Сепак, лошо е што во исто време за краток период најпрвин покажа колку може високо да се оди во ракометот, но и потоа ниско да се падне. Ракометарите се борат на терен, но тоа нема долго да трае. Исто така, проблем е што веќе ниту еден сериозен играч од Европа нема да дојде во Вардар“, истакнува Вујовиќ.

Популарниот „Вујо Мајсторе“ смета дека само еден човек може да го спаси Вардар од тотален колапс, Михајло Михајловски, а со него би се вратил трендот на ангажман на ракометари од поранешните југословенски простори.

„Вардар може да го снајде судбината на Кометал, а единствен човек што може да го спаси е Михајло Михајловски. Сепак, прашање е колку е тој способен за такво нешто и дали ќе се нафати на предизвикот. Ќе се врати времето кога некој како Вујо ќе биде тренер на Вардар, кога таму ќе играат играчи кои се не премногу познати и доаѓаат од поранешна Југославија. публиката ќе треба да се навикне затоа што сега ќе треба да се гледаат натпревари со домашни екипи, а досега во салата доаѓале гиганти како Барселона“, вели стратегот на Загреб.

Се вчитува...