Вујовиќ: За првпат Вардар е фаворит, но нема да биде лесно против Монпелје

Вардар е еден од двата досега непоразени тимови во Лигата на Шампионите (вториот е Пик Сегед), па „црвено-црните“ со фаворитска улога ќе влезат во утрешниот домашен дуел со екипата на Монпелје.

Веселин Вујовиќ не бега од фаворитската улога, но искусниот стратег е свесен дека задачата против Монпелје (тим што во минатото коло лесно го совлада Кил) нема да биде нималку лесна. Притоа, „Вујо Мајсторе“ уште еднаш повтори дека за добри резултати во Лигата на Шампионите на неговиот тим неопходна му е поддршка од навивачите, како што тоа беше случај при претходните две победи над Мешков Брест и Алборг.

„Јас имам највисоко можно мислење за Монпелје, тоа е исклучителна екипа, би рекол и историска. За првпат сезонава Вардар ја има улогата на фаворит, иако сме свесни дека ќе биде многу тежок меч. За првпат немам ниту проблеми со повредени играчи, па ќе видиме кој ќе влезе во тимот. Ќе ни биде потребна сета помош, воедно и од навивачите, кои секогаш даваат поддршка на Вардар. На претходните средби имавме голема поддршка од голманите, се надевам дека тоа ќе продолжи. Клучно е да се биде добар во одбрана, да се игра силно, цврсто, бидејќи ако успеете во тоа, потоа немате ни паника во нападот“, истакна Вујовиќ.

Мечот меѓу Вардар и Монпелје од четвртото коло во Лигата на Шампионите на програмата е утре со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...