Вуков следната сезона ќе вози на италијанскиот „Порше Карера куп“

Еден од најдобрите македонски автомобилисти, Ристо Вуков – Рико по исполнувањето на целите за сезоната што измина веднаш доби неколку понуди да се натпреварува во посилен шампионат, од кои се реши за италијанскиот Порше Карера Куп.

Следната сезона Вуков ќе вози седум трки, како што беше најавено од страна на организаторот, кој се уште го нема потврдено календарот за натпреварувачката 2020 година, затоа што од актуелниот останува уште една трка, на Монца (19-20 октомври 2019).

„Со огромно задоволство ви ја најавувам мојата следна станица во автомобилистичката кариера – Порше Карера Куп Италија 2020. Следната сезона ќе возам Порше 911 ГТ3 Куп (Porsche 911 GT3 Cup). По освоените титули во Македонија и Србија, кои што за мене се емотивни и бескрајно драги, преминувам на едно повисоко ниво на кое очекувам достојно да ја претставам нашата земја и да бидам вистински македонски амбасадор меѓу најдобрите возачи во овие рамки. Време е да го покажам и ослободам мојот потенцијал, правејќи го она за кое сонувам од најмали нозе, уште од моите европски триумфи во картинг. Без вашата поддршка (семејство, пријатели, спонзори, помагачи, симпатизери, медиуми) немаше да бидам каде што сум, се надевам дека ќе продолжиме заедно до најголемите височини во авто-спортот“ – вели Рико.

Рико триумфира доминантно и во македонскиот шампионат и во Отвореното првенство на Србија, со неговото Југо Хибрид 1150 ццм3.

Во македонското првенство најверојатно ќе се вози уште една трка, на легендарниот Скопје круг покрај зградата на Македонската телевизија, што ќе биде круна на сезоната и шанса Вуков да ги претстави трофеите пред македонската публика.

Се вчитува...