За Алкалоид плус четири златни и еден сребрен медал и во индивидуална конкуренција!

Шахистите на Алкалоид запишаа извонреден успех со освојувањето на европската вицешампионска титула на Европскиот клупски куп кој изминативе денови се одржа во Анталија, Турција.

Меѓутоа комплетниот успех на „фармацевтите“ е дополнет и со феноменалните индивидуални резултати на поединечните табли, со освоени четири златни и еден сребрен медал.

На првата табла, кинескиот велемајстор Лирен Динг се закити со сребрен медал со освоени 5 поени од 7 партии и го имаше вториот најдобар перформанс на првата табла. Со тоа уште еднаш докажа дека може рамноправно да се бори против најсилните светски играчи.

На третата табла златен медал освои Дмитри Андрејкин со 5,5 поени од 7 партии и перформанс од 2786 поени, заработувајќи дополнителни осум рејтинг поени.

Alkaloid na kup

На четвртата табла, секогаш одличниот, Ју Јангји одигра одличен турнир и освои 5,5 поени од 7 партии притоа остварувајќи 4 победи и 3 ремија. Ју првпат настапи за ШК „Алкалоид“ во 2015 година, од тогаш има играно три пати на Европски клупски куп за екипата на Алкалоид и секоја година освојува медал со идентичен резултат 5,5 поени од 7 партии.

Златниот медал на петтата табла му припадна на рускиот велемајстор Дмитри Јаковенко кој исто така освои 5,5 поени од 7 партии, а украинскиот велемајстор Јуриј Криворучко на шестата табла освои 6 поени од можни 7, притоа победувајќи пет партии и ремизирајќи две, без ниту еден пораз. Со перформанс од 2784 поени заслужено го освои златниот медал на својата табла.

Се вчитува...