За малку од готово – вересија: Лазаров донесе победа над Украина

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Македонија забележа победа од 26-25 над Украина во првото коло од ЕП во Виена, откако по голема битка го скрши отпорот на аутсајдерот во групата. Капитенот Кире Лазаров беше човек на одлука постигнувајќи го победничкиот погодок, откако нашите ракометарите „прокоцкаа“ предност од пет гола во второто полувреме, но на крајот сепак успеаја да стигнат до посакуваната победа.

Брестовац се реши за почетна формација со Никола Митревски на голот, додека во одбраната тргнавме со зона пет – еден, со Никола Маркоски како замена за неговиот брат Велко Маркоски. Дејан Манасков го постигна првиот гол на мечот, но веќе во следниот напад нашето лево крило заработи исклучување од две минути. Со два гола на капитенот Лазаров го издрживме периодот со играч помалку, а потоа добивме и подарок од Украинците, откако по една неправилна замена на противникот за кратко време останавме со двајца ракометари повеќе на теренот. Украинскиот голман Комот блесна за момент, но Македонија беше репрезентацијата што го контролираше резултатот, па при наше водство од 6-3 украинскиот селектор Бебешко побара тајмаут.

Противникот само на моменти успеваше да фати резултатски приклучок, но Брестовац повлече вистински потег откако при водство од 7-6 го внесе Танкоски на местото на Кузмановски. Бекот на Металург со еден гол, две асистенции и едно изнудено исклучување го крена интензитетот во играта во напад на „црвено-жолтите“, предноста за момент се искачи и на четири гола (13-9), а по промашениот обид на Кире Лазаров од сопствената половина, Украина со гол во самиот финиш на полувремето намали на 13-10.

Стоилов беше извонреден на стартот од второто полувреме, постигнувајќи два гола, згора на тоа и изнудувајќи едно пробивање, за прво водство од пет гола на натпреварот (16-11). Бебешко зеде тајмаут при 17-12, по што Украина тргна „седум на шест“, намали на 17-14, но борбениот Стоилов во вистински момент на спротивната страна изнуди исклучување на Остроушко. Предноста се движеше меѓу три и четири гола, но по исклучувањето на Стоилов и промашувањето на Талески, Украина намали на 21-19, за по новата загубена топка на Танкоски водството да се стопи на 21-20, пред Брестовац конечно да побара тајмаут.

Пешевски влезе во серија промашувања со два неуспешни обиди, по што казната стигна експресно – Украина израмни на 22-22. Стоилов се врати во игра и веднаш изнуди седмерец по кој Манасков ја врати предноста на Македонија, по што истиот ракометар погоди и од крило за предност од 24-22. Митревски одбрани клучен зицер при резултат 25-23 на пет минути до крајот, а голманот се претвори во супер-херој со уште две извонредни интервенции, одржувајќи ја предноста на 150 секунди до крајот. Брестовац зеде тајмаут, но најпрвин беше запрен Лазаров, а потоа Остроушко намали на 25-24, воедно и изнудувајќи исклучување од Мартин Поповски. Комок повторно блесна бранејќи уште еден удар на капитенот Кире ЛАзаров, по што Украина доби шанса за израмнување што Гурковски ја претвори во 25-25.

Последниот напад го имаше Македонија, Стоилов изнуди исклучување на осум секунди до крајот, Лазаров го зеде последниот шут и погоди, за водство од 26-25 и огромна радост на нашите ракометари и навивачи во Виена.

Се вчитува...