За Меси нема дилема – останува во ПСЖ и следната сезона

Лионел Меси нема намера да си замине од ПСЖ на крајот од сезонава и ќе ја одработи и втората година од договорот што го потпиша со „светците“ минатото лето. Иако дел од медиумите шпекулираа со заминување на Аргентинецот, каталонскиот „Ел Мундо Депортиво“ тврди дека Меси воопшто не планира да ги промени клупските бои и ќе остане на „Паркот на принцовите“ најмалку до јуни 2023.

Каталонскиот весник важеше за многу близок до Аргентинецот додека настапуваше за Барселона, па сега повикувајќи се на извори до фудбалерот најавува дека нема да дојде до промена на тимот во текот на летово. Меси дефинитивно е разочаран од прераната елиминација од Лигата на Шампионите, како и од критиките од дел од навивачите, но исто така е и мотивиран да остане уште една година и да го предводи тимот во атак на европската круна наредната сезона.

За одлуката се веќе известени и челниците на ПСЖ, за кои Меси е единствениот од фантастичното трио што сигурно останува, додека Мбапе се уште е поблиску до трансфер во Реал Мадрид, а Нејмар е првиот што ќе биде ставен на трансфер-листа на почетокот од летово.

Финансиите дефинитивно имаат влијание врз ставот на аргентинскиот генијалец, кој ќе заработи 50 милиони евра за втората година од договорот со ПСЖ, по што ќе има можност за уште еден последен трансфер, најверојатно назад во татковината, каде од претходно најави дека сака да ја заврши кариерата.

Се вчитува...