За рекордно време: Билетите за мечот Македонија – Косово се РАСПРОДАДЕНИ!

Билетите за бараж-натпреварот од полуфиналето меѓу Македонија и Косово се распродадени, информираше официјално Фудбалската федерација на Македонија.

Сосема е јасно дека македонските репрезентативци на 26. март ги очекува преполна арена „Тодор Проевски“ доколку актуелната ситуација со коронавирусот дозволи натпреварот да се игра со публика.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека се разгледува состојбата, но ако лично тој се прашува натпреварот Македонија – Косово треба да се игра без публика.

„Сите спортски натпревари, вклучително и Македонија-Косово, според мене треба да се играат без публика. Да бидеме внимателни, очекуваме на меѓународни натпревари да има гости од странство. Оваа забрана (за масовни јавни собири) ќе препорачаме да трае уште една недела, до 13-ти, но во зависност од ситуацијата можно е да донесеме друга одлука“ – изјави министерот за здравство на Макеодонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Од ФФМ нагласуваат дека доколку Министерството за здравство и Владата на РСМ донесат одлука за натпреварот тие, во консултација и со УЕФА, ќе мора истата да ја почитуваат.

„Доколку се донесе одлука натпреварот меѓу Македонија и Косово да се игра без публика, тогаш ќе им бидат вратени средствата на сите кои купиле билети“ – изјави вчера и портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.

Се вчитува...