Забрана: Новинарите не смеат да го прашуваат Покетино за Манчестер јунајтед!

Смената на Жозе Мурињо од клупата на Манчестер јунајтед ги направи нервозни и челниците на Тотенхем, кои се свесни дека сега „црвените ѓаволи“ ќе се свртат и кон Маурицио Покетино како една од најсериозните опции за менаџер на „црвените ѓаволи“ за наредната сезона. Медиумите веднаш го посочија Покетино како еден од двајцата главни фаворити за функцијата, рамо до рамо со Зинедин Зидан, потенцирајќи дека и самиот аргентински стратег е сериозно заинтересиран за преселба на „Олд трафорд“.

Новинарите со нетрпение ја очекуваа денешната прес-конференција, во пресрет на саботниот премиерлигашки натпревар со Евертон, но си заминаа разочарани откако од страна на клупското раководство им беше забрането да поставуваат прашања на темата „Покетино – Манчестер јунајтед“.

Како што јавуваат британските медиуми, најупорни биле новинари на „Скај“, кои неколку пати го повториле своето прашање, пред да бидат предупредени од страна на Сајмон Фелстајн, шеф за комуникации на Тотенхем. Голем дел од новинарите реагирале, камерите биле исклучени на неколку минути, за прес-конференцијата да продолжи со „вообичаени“ прашања околу престојниот натпревар на лондонскиот клуб.

Едно е јасно, Тотенхем ќе стори се за да го задржи аргентинскиот стручњак на своето кормило, но доколку Јунајтед тргне во тотална офанзива и го убеди Покетино на преселба на „Олд трафорд“, тешко ќе биде да се издржи налетот на најтрофејниот англиски клуб.

Се вчитува...