Загреб е среќен за Македонците, победи и МЗТ Скопје

ЕКИПА во Загреб, Стеван Цаневски

МЗТ Скопје ја прекина серијата порази во АБА-лигата што траеше нецели три месеци (од 16 октомври), па денеска со одлична игра македонскиот првак славеше на гостувањето против Цибона со резултат 77-92. Загреб дефинитивно е среќен град за македонските спортисти на почетокот од годинава, откако по одличниот старт на ракометарите денеска во ист ритам продолжија и кошаркарите на МЗТ, триумфирајќи на теренот на хрватскиот гигант.

Почетокот не беше онаков каков што посакуваше тренерот Лукајиќ, па по почетните три поени на Лалиќ „металците“ речиси пет минути беа без реализација, а Цибона поведе со 10-3. Дамјан Стојановски ја презеде одговорноста со пет поени во низа, потоа се надоврза и Трајковски, па македонскиот првак експресно се врати. Првата четвртина заврши со резултат 19-15, за веќе на самиот почеток од вториот период благодарение на Мавра и на Трајковски гостите да поведат со 19-22. Неизвеснаоста траеше до крајот на полувремето, на одмор се замина со 38-41, за потоа во третата четвртина МЗТ конечно да заигра во вистински ритам во нападот и да стигне и до двоцифрена предност, по двете тројки на Дамјан Стојановски за водство од 43-55.

„Цибоси“ се обидоа да сторат нешто повеќе, но „металците“ ја имаа научено лекцијата од претходните натпревари, овојпат одлично ја сочуваа предноста и на крајот заслужено славеа со конечни 77-92.

Мавра беше најдобар поединец со 18 поени и 10 асистенции, Дамјан Стојановски исто така постигна 18 поени, додека Марко Симоновски го заврши мечот со 16 поени.

За МЗТ Скопје ова е прва победа по онаа во Лакташи над Игокеа на 16 октомври, за прекин на серијата од 11 порази во регионалното натпреварување. „Металците“ сега имаат скор 3-13, со две победи помалку во однос на Унион Олимпија на претпоследното место. Во следното коло македонскиот првак на 22 јануари ќе ја пречека Црвена звезда.

Се вчитува...