Загреб се предаде без борба, Фленсбург е во четвртфиналето од ЛШ

Фленсбург без одигран натпревар ќе се пласира во четвртфиналето од Лигата на Шампионите, откако ЕХФ денеска објави дека германскиот тим по службен пат ги добива двете средби против Загреб.

Проблем претставуваа позитивните случаи на коронавирус во таборот на хрватскиот првак. Поради тоа не беше одигран првиот дуел закажан за минатата седмица, па беше договорено Фленсбург и Загреб да одиграат два меча во два дена, утре и задутре во Германија.

Сепак, фактот дека ниту еден од заболените ракометари на Загреб не се рехабилитираше навреме придонесе да стане јасно дека Хрватите нема да можат да состават конкурентен тим, по што ЕХФ попладнево објави дека ги откажува двете средби, а германскиот клуб без борба се пласира во следната рунда.

Ривал на Фленсбург во четвртфиналето ќе биде подобриот од двомечот Порто – Алборг.

Се вчитува...