Захави мотивиран: Докажав колку вредам, ќе го потврдам тоа и против Македонија

ЕКИПА во Израел,

Никола Ѓуровски

Македонија победи пред две години против Израел во Хаифа со 0-1, но израелските медиуми потенцираат дека на тој меч поради несогласувања во националниот тим не играше најдобриот израелски фудбалер, Еран Захави. Дека е врвна класа покажа во овие квалификации постигнувајќи веќе седум гола на четири меча. Ја растури Австрија со хет – трик во триумфот од 4-1, а одлични игри прикажува и во кинескиот тим Гвангжу РФ. Тој вели дека ќе потврди колку е мотивиран и на вечерашниот меч против Македонија.

„Велеа дека не сум имал желба да играм во репрезентацијата, но тоа беа големи лаги. Докажав со моите игри и со головите колку вредам и колку ми е важно да го носам дресот на Израел. И тоа ќе го потврдам и на мечот против Македонија. Имаме одлична позиција во групата и треба да ја победиме Македонија ако сакаме да се надеваме на пласман на Европското првенство следната година“, вели Еран Захави.

Израел игра како препороден по пристигнувањето на Андреас Херцог за нов селектор. Тој му даде комплетна слобода во играта и на Еран Захави, а голгетерот возрати со многу погодоци. Сигурно ќе биде најголема опасност по голот на Столе Димитриевски и на вечерашниот натпревар.

 

 

Се вчитува...