Зајков од Украина: Во Полтава се функционира нормално, смирени сме и ги слушаме челниците на клубот

Од министерството за надворешни работи на Македонија, пред неколку дена стигна апел до сите македонски државјани кои се наоѓаат во Украина, итно да ја напуштат земјата поради можна ескалација.

Македонскиот репрезентативец Ѓоко Зајков е во Полтава, каде што во моментов го чека првиот натпревар во украинскиот шампионат, а во изјава за „Телма“ вели дека во градот се е нормално, и дека се функционира како претходно. Тој и неговиот тим нормално се подготвуваат за првиот натпревар од пролетниот дел кој треба да се игра на 27. февруари.

„Го слушнав апелот од министерството за надворешни работи, и веднаш сите странци бевме на консултации со раководството на клубот, и јас и сите странци кои сме во овој клуб. Од таму ни рекоа дека нема простор за паника и дека ова што се случува е веќе со години наназад, и не е ништо ново. Така што тука во Полтава се е отворено, продавниците работат нормално, граѓаните не набавуваат резерви на храна, сите трговски центри се отворени и нормално си функционира градот како што беше претходно. Не е ништо поинаку од она што беше претходно. Ги слушаме инструкциите на клубот, и засега се е во најдобар ред. Информациите се дека засега ќе нема одложување или прекинување на првенството, така што треба на 27-ми да го одиграме првиот натпревар“, рече Зајков.

Сите украински екипи во Анталија и во другите центри каде што се подготвуваа, останаа подолго од предвиденото. Зајков пред два дена се врати од Анталија, а истото го сторија и фудбалерите на Шахтјор.

Се вчитува...