Зајков заминува на операција

Македонскиот репрезентативец Ѓоко Зајков ќе го пропушти стартот на сезоната во белгискиот шампионат. Тој ќе замине на операција на препоните (спортска хернија) и ќе паузира меѓу еден и два месеци. Ова значи дека најверојатно нема да биде подготвен за настап и на почетокот на мечевите од Лигата на нации.

Според информациите од белгискиот клуб Шарлроа, каде настапува Зајков, тој во вторник треба да замине „под нож“ и да го санира здравствениот проблем што го мачи подолг период. За А-репрезентацијата на Македонија досега дефанзивецот има седум настапи.

Ова претставува дополнителен проблем за селекторот Игор Ангеловски со фудбалерите кои настапуваат на централната дефанзивна позиција во националниот тим. Покрај Зајков, како што е познато, надвор од тренажен процес поради повреда е и Дарко Велковски кој ова лето се пресели во хрватска Ријека. Тие двајцата се дел од тројката, заедно со Висар Муслиу, стандардни репрезентативци во составот на Ангеловски.

Македонија на почетокот од септември ја очекува стартот во Лигата на нациите која се очекува со отворени амбиции за освојување на првото место во групата во која сме со Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн.

Се вчитува...