Залетаната Шкендија домаќин на Академија Пандев, Вардар сака победа против Победа

Се раситнува есенската полусезона во Првата фудбалска лига, а Шкендија во силен залет веќе потврди дека ќе биде лидер и преку целта зима, но сака во победнички стил да финишира до самиот крај. Тренерот Ќатип Османи истакна дека секој бод е значаен во битката за титулата, а бара од фудбалерите на секој нареден меч да го покажуваат шампионскиот дух. Денеска (13 часот) во Тетово ќе им гостува тимот на Академија Пандев.

„Овој тим има шампионски карактер. Почнавме да наликуваме на составот кој минатата сезона освои двојна круна“, истакна Османи.

Академија Пандев за три дена повторно се враќа на Градскиот стадион во Тетово, каде во неделата ремизираше (1-1) против Ренова.

Вардар минимално триумфираше над Силекс во Кратово, а сега посакува победа и против Победа. На стадионот „Борис Трајковски“ ќе се води тешка битка, со оглед како тревникот регира на овие дождливи услови.

Шкупи на Чаир ќе ја пречека Ренова, и посакува нов триумф.

„Верувам дека сме на вистинскиот пат. Средбата со Ренова за нас е од огромно значење и ќе дадеме се од себе за да оствариме позитивен резултат. Сигурно дека е заморно да се играат четири натпревари за десет дена, меѓутоа ние ќе го дадеме максимумот за да забележиме посакувани резултати на двете последни средби од есенскиот дел“, вели Сухел Мухарем, фудбалерот на Шкупи.

Во Струмица се очекува интересен дуел. Работнички врза две победи во низа, а сега ќе и гостува на Беласица. Струмичани во последните мигови загубија на Чаир од Шкупи и ќе сакаат да се рехабилитираат со позитивен резултат.

Македонија ЃП е ’ранета’ по убедливиот пораз од Работнички и сигурно ќе сака победа против последнопласираниот Силекс, кој и нема друга алтернатива освен да бара бодови на сеој меч за бегство од самото дно.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 17.КОЛО

ШКЕНДИЈА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

ВАРДАР – ПОБЕДА

БЕЛАСИЦА – РАБОТНИЧКИ

МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС

ШКУПИ – РЕНОВА

 

Се вчитува...