Експедицијата на Вардар денеска отпатува од Скопје за Келн, каде викендов ќе води битка за втора европска круна. „Црвено-црните“ немаат „широк ростер“ како што тоа беше случај пред две години, а особено е „тенка“ бековската линија, каде многу работи на овој фајналфор турнир ќе зависат од настапот на Сташ Скубе и Даини Криштопанс.
„Запри ги ако можеш – Разликата меѓу Скубе и Криштопанс е 40 сантиметри, но двајцата погодуваат од каде сакаат“ – опишан е бековскиот тандем на „вардарци“, воедно и посочен како главна опасност по голот на Барселона во пресрет на саботното полуфинале во „Ланксес Арена“.
Летонскиот „џин“ Криштопанс (215 сантиметри) дојде во Вардар во 2017 година од редовите на Мешков Брест. Раул Гонзалес го „брусеше“, но Парондо од него направи „ракометно чудовиште“ од кого со право стравува цела Европа. Погодува од преку десет метри, лесно со финта си создава простор за шут, а сезонава постигна и неколку прекрасни голови од цепелин од шест метри. Криштопанс неслучајно веќе потпиша договор со ПСЖ, а каталонскиот „ѕид“ ќе треба да има и добра голманска потпора за да го издржи налетот на вардаровиот „џин“.
Сташ Скубе неочекувано стана слободен по „раскинот“ со Пик Сегед, а Вардар реагираше експресно и заврши одлична работа осигирувајќи го потписот на 175 сантиметри високиот Словенец. Не импресионира со височината, но затоа е неверојатен со ракометната интелигенција и чувството за игра во овој спорт. Приоритет му е да ги разигра соиграчите, но кога е неопходно Скубе не се плаши да ја преземе одговорноста и самиот да ги решава нападите во клучните моменти од натпреварите.
Скубе според неофицијалните информации се има договорено за преселба во ПСЖ во 2020 година, па како што стојат работите тој повторно ќе заигра крај Криштопанс, овојпат во дресот на францускиот гигант. Сепак, и двајцата најпрвин ќе сторат се што можат за да го остварат заедничкиот сон на сите „вардарци“ – нова европска круна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА