Засекогаш „црвено-црн“ во душа: Асот кој ја донесе првата круна го одигра последниот меч во ЛШ за Вардар!

Вардар вечерва беше поразен од Веспрем, со што „црвено-црните“ беше елиминиран од Лигата на Шампионите. Со самото тоа, беше означен и крајот на извонредната европска авантура што Иван Чупиќ ја имаше како член на „вардарци“, еден од лидерите на тимот што стигна до две титули во ЛШ. Името на Чупиќ заекогаш ќе остане запишано во историјата на Вардар по неговиот гол за победа на првото финале на фајналфор турнирот во Келн против ПСЖ, кога Хрватот со звукот на сирената го совлада „големиот“ Омејер и ја крена на нозе цела Македонија.

Чупиќ пристигна во Скопје како актуелен европски првак со Киелце, а потоа испиша историја, станувајќи прв ракометар што две години по ред се закитувал со титулата, и тоа како член на две различни екипи. Имаше понуди, но реши да остане во Скопје и кога финансиите беа далеку од редовни, па ќе остане запаметен и како дел од легендарната генерација на која и се должеа повеќе од десет плати, но сепак успеа повторно да се искачи на врвот на ракометна Европа.

Чупиќ реши да одигра уште една сезона во црвено-црниот дрес и по заминувањето на Сергеј Самсоненко и огромните долгови што Русинот ги остави зад себе. Беше еден од лидерите во изминатите месеци, подеднавко опасен и како бек и како крило, меѓу најгласните на тајмаутите, но не успеа својот победнички менталитет да го пренесе врз оние кои од годинава станаа дел од проектот Вардар. Пред неколку месеци реши да си замине, прифаќајќи ја понудата за „враќање дома“ и потпис со Загреб.

Ќе остане запишано, Иван Чупиќ во својот последен меч во ЛШ во вардаровиот дрес постигна четири гола и имаше шест асистенции, како крај на европската авантура што беше и повеќе од успешна во изминатите пет години.

Се вчитува...