Завршена трансформацијата во АД: Академија ФМП ќе игра во Првата лига!

Академија ФМП и во наредната сезона ќе се натпреварува во елитното македонско кошаркарско друштво откако прволигашот од Кисела Вода ја заврши неопходната процедура за регистрација како Акционерско друштво.

Станува збор за услов што КФСМ го воведе од годинава како задолжителен за сите екипи кои се дел од Првата лига, наместо како досега во Супер-лигата како највисок ранг на натпреварување. Академија ФМП беше единствен од сите прволигаши кои го немаше завршено овој процес, а со оглед на финансиските проблеми со кои се соочуваше постоеше сериозна опасност овој клуб да не може да се регистрира за прволигашки настап.

Сепак, проблемите се надминати и целокупната процедура е завршена пред истекот на рокот наведен од КФСМ, 15 август. Цел на управата ќе биде стабилизација на финансиски план и давање шанса на млади домашни играчи, кои ќе бидат надополнети со максимум тројца странци на позициите кои ќе се покажат како најдефицитарни откако ќе биде составен ростерот со домашни кошаркари.

На тренерската функција ќе остане Никола Божиновски, кој ја доврши ланската сезона по заминувањето на Александар Петровиќ на клупата на МЗТ Скопје.

Се вчитува...