Заврши „фараонската бајка“, Франција е во финалето

Франција ќе нападне ново олимписко злато откако „триколорите“ се пласираа во голомото финале од ракометниот турнир, славејќи во полуфиналната пресметка против Египет со резултат 27-23. Африканскиот првак под водство на Роберто Гарсија Парондо играше извонредно во досегашниот дел од турнирот, но денеска немаше сили за нов подвиг, па на „фараоните“ им преостанува битка за бронзениот медал, против поразениот од второто полуфинале меѓу Данска и Шпанија.

Мечот почна извонредно за Египќаните, кои набрзина поведоа со 5-1. Франција за момент се врати, Египет пак се одлепи на 7-4, по што голманот Жерар почна да блеска на голот на „триколорите“. Искусниот чувар на мрежата одбрани два пенали и еден зицер, овозможувајќи Французите да се вратат, па на одмор се замина со израмнети 13-13. Отпорот на избраниците на Парондо беше скршен во првиот дел од второто полувреме, кога француските ракометари успеаја резултатски да се одлепат. Цврстата одбрана беше главен фактор во овој дел од мечот, Жерар повторно блесна со неколку одлични интервенции, па Французите го издржаа и последниот налет на Египет и заслужено го добија овој меч со конечни 27-23.

Десните бекови на Франција беа одлични денеска, Ремили беше најефикасен со осум, пред Дика Мем со седум погодоци, додека кај Египет прв стрелец на полуфиналниот пораз беше Омар Јахија со шест постигнати гола.

Се вчитува...