Преодниот рок во европските лиги заврши на крајот од вчерашниот ден, а најголемо богатство од сите гигантите ширум „стариот континент“ продолжи Манчестер Сити.
Англискиот првак има катастрофална сезона и веќе заостанува 15 бода зад лидерот Ливерпул, поради што управата на клубот реши да ги послуша барањата на Пеп Гвардиола и да инвестира значителна сума на нови засилувања зимава. Она што е уште поинтересно, Сити потроши 206 милиони евра на четири нови фудбалери, што е повеќе од вкупната сума што ја потрошија сите останати 19 премиерлигаши во овој преоден рок.
„Граѓаните“ платија најмногу за Мармуш од Ајнтрахт, 70 милиони евра, доцна синоќа го комплетираа трансферот на Нико Гонзалес од Порто за 60 милиони евра, за дефанзивецот од Узбекистан, Хусанов беа платени 40 милиони евра, а за бразилскиот суперталентиран одбранбен играч Реис дополнителни 36 милиони евра. Потрошено е богатство, и тоа на фудбалери кои со реномето се далеку од светската фудбалска елита, што е јасен предзнак дека Гвардиола подготвува целосен ремонт и заминување на уште неколку фудбалери летово предводени од Де Бруине и Едерсон…
„Шопингот“ на Манчестер Сити воедно е и втора најголема зимска потрошувачка од еден англиски клуб на сите времиња. Повеќе пари од Сити потроши само Челси, и тоа минатата зима кога лондонскиот клуб издвои неверојатни 330 милиони евра на нови фудбалери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА