Заврши состанокот: Бартомеу не попушта, Меси во небрано

Нешто повеќе од 90 минути траеше долго очекуваниот состанок меѓу Хозеп Бартомеу и Жорге Меси, а епилогот е – војната продолжува. Таткото на Лионел Меси допатува во Барселона во обид да договори „пријателско заминување“ на својот син, но првиот човек на Барса воопшто не е заинтересиран за оваа опција.

Ставот на Бартомеу останал дециден како и во последните неколку дена – Меси има договор со каталонскиот гигант на уште една година и очекува истиот да биде испочитуван. Аргентинецот може да си замине само во еден случај, ако некој клуб ја активира клаузулата од 700 милиони евра, a сите обиди на Жорге Меси за намалување на оваа сума биле експресно „пресечени“ од страна на првиот човек на Барселона. Напротив, Бартомеу му понудил на Аргентинецот нов двогодишен договор, за да спречи тој и следното лето да си замине од „Камп Нои“.

„Десетката“ на Барса сега се наоѓа во небрано, откако и Ла Лига објави дека неговиот договор со Барса е валиден и не може да ја активира клаузулата што важеше до 10 јуни, за бесплатно заминување од „Камп Ноу“. Меси може да реши да си замине во друг клуб и да добие привремена дозвола за трансфер од ФИФА, но веднаш потоа ќе следи тужба од Барселона против него и новиот клуб, по што шпанскиот суд ќе ја одреди висината на трансферот. Тоа е ризик што не сакаат да го преземат ниту Манчестер Сити ниту ПСЖ, па доколку не дојде до пресврт во ситуацијата, се чини дека Меси ќе мора да одигра уште една сезона во каталонскиот гигант, па следното лето да си замине од клубот го мина досегашниот дел од кариерата.

Тоа што Барса тогаш нема да добие речиси ништо од трансферот не е од големо значење за Бартомеу, кој речиси сигурно ќе ги загуби претседателските избори закажани за март 2021.

Се вчитува...