ЗАВРШУВА ПРВАТА ЛИГА: Крај на срамната сезона на Работнички – Од утре клубот ќе мисли што и како!

Со натпреварите Македонија ЃП – Силекс и Работнички – Тиквеш денеска се става точка на сезоната во Првата македонска лига во која Вардар е шампион, Шкендија и Силекс уште ќе не претставуваат во Европа, а поранешните шампиони Македонија ЃП, Работнички и Шкупи ја напуштаат лигата.

Работнички ќе ја заокружи сигурна најсрамната сезона во нзависна Македонија, со прво свое испаѓање од елитата во историјата, со домашен натпревар против Тиквеш за крај на целокупната трагедија која „романтичарите“ ја доживеаја со новите турски газди.

Што и како ќе биде со клубот ќе се одлучува наредниот период, а за денеска од тимот најавуваат, ако ништо, дека сакаат да ја затворат оваа лоша епизода со победа.

„Ќе одиграме одговорно до крај, посакуваме да ги освоиме трите бода. Верувам дека со добар пристап можеме да стигнеме до успех“, вели тренерот Муарем Муарем.

Тиквеш, пак, во Скопје доаѓа со серија од три настапи без пораз во кои само еднаш се радуваше на триумф и тоа на гостувањето против Македонија ЃП додека пред своите навивачи освојуваше по бод во соочувањата со Арсими и Пелистер.

Во двата дуели одиграни во досегашниот тек од првенството Тиквеш забележа победа на гостувањето во Скопје кога на теренот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ славеше со 0-2, а стрелци на головите беа Даниел Миловановиќ и Кристијан Стојкоски додека на првиот меч во Кавадарци мрежите мируваа.

Дуелот меѓу Работнички и Тиквеш денеска, како и оној во Ѓорче Петров меѓу Македонија ЃП и Силекс, се играат од 16:30 часот.

Се вчитува...