Збогум Франција: Стојановски и Ѓуровски назад во Македонија

Двајцата кошаркарски интернационалци од Франција, Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски, предвреме ги завршија работните обврски во Данкерк, односно Евре, откако беа ослободени од обврските кон своите клубови. Капитенот Стојановски во текот на денешниот ден ќе се упати кон Скопје, каде ќе мора да го мине задолжителниот карантин.

„Иако првично ни беше кажано дека треба да останеме, сепак, одлуката на клубот е да ги ослободи сите странци. Да си заминат дома, во оваа криза, да бидеме дома со семејствата, што веројатно е и најдоброто можно решение, ако може да се каже така. Заминувам за Скопје со една голема непозната, што и како со лигата во Франција понатаму. Јасно е, здравјето е пред се, па и пред играњето на кошарката, она што најдобро знаеме да го работиме, барем јас. Доаѓам дома, ќе ја чекам во Скопје разврската на ситуацијата, со надеж дека сето ова брзо ќе се смири и дека ќе им се вратам на работните обврски“– изјави Војдан Стојановски за официјалната веб-страница на КФСМ.

Сличен е ставот и на Ѓуроски, кој веќе пристигна во Македонија по прекинот на обврските кон второлигашот Евре.

„Се некако се случи набрзина, 0собено по онаа првична информација дека до следното, остануваме. Во клубот ја сфатија ситуацијата како доста сериозна, па на сила дојде една друга одлука која вели дека сме ослободени од понатамошните обврски. Во овој момент, што е и сосема реално, нема човек во Евре кој со сигурност може да каже што е следно на ред. И не само во клубот, секако и многу подалеку. Според мене, тешко дека лигата ќе продолжи во некое догледно време. Не само кај нас, и другите клубови ги ослободија сите странски играчи. Сепак играчите се на прво место“, вели Ѓуроски.

Се вчитува...