Збогум и за Плишкова – испаднаа првите десет носителки на Вимблдон

За првпат во историјата на Вимблдон во четвртфиналето ќе нема ниту една од првите десет носителки на женскиот турнир, откако денеска својот настап во осминафиналето го заврши и Каролина Плишкова. Седмата носителка од Чешка беше единствената што обезбеди место меѓу 16-те најдобри, но денеска беше поразена од Кики Бертенс, за тотален потоп на носителките на третиот гранслем турнир во 2018 година. Бертенс го доби првиот сет со 6-3, потоа поведе и со 4-0, но Плишкова собра сили да се врати и да се избори за тај-брејк. Сепак, следеше одличен настап на Бертенс, со што холандската тенисерка ја забележа и втората изненадувачка победа во низа, по онаа во третото коло над Венус Вилијамс.

Ланската победничка на Ролан Гарос, Јелена Остапенко, се врати од 2-5 во првиот сет и славеше со конечни 7-6, 6-0 над Белорусинката Саснович.

Пласман во четвртфиналето обезбеди и Италијанката Џорџи со победата од 6-3, 6-4 над Макарова, како и Цибулкова, која со 2-0 во сетови ја совлада Хсиех.

Се вчитува...