„Зелено-белите“ не дозволија изненадување во АБА2 – Пелистер ја одбрани својата чест со победа над Осијек

Пелистер со триумф над Осијек од 97-78 ја одбрани својата чест во рамки на последниот турнир од регуларниот дел на АБА2 лигата, кој се одржува во Широки Бријег.

Двата тима беа расположени во реализацијата на отворањето на средбата, а во играта „кош за кош“ ниеден тим не успеа да направи сериозна предност. Првата четвртина ја доби Oсијек со 19-24, но во вториот период на сцена настапија „пелистерци“, кои се вратија во игра, па на пауза заминаа со минимална предност од 45-42.

Тимот од Битола ја продолжи одличната игра и во третиот период. Тогаш кога се кршеше натпреварот „пелистерци“ особено доминираа во нападот, уфрлија шест тројки со што во целост го откажаа противникот. До крајот на мечот одиграа рутински и ја зачуваа предноста за трета победа во АБА2.

Во тимот на Битола се истакнаа Никола Малешевиќ и Игор Кесар со по 16 поени, додека кај поразените Ѓорѓе Тополовиќ со 23 поени.

Битолските „зелено-бели“ по десет одиграни средби имаат три победи во првенството, па во обид да се избегне дното и по завршувањето на регуларниот дел од сезоната ќе мораат да слават и во средбите со Хелиос и Спарс.

Се вчитува...