„Земјотрес“ во најава: Мбапе дојде на тренинг на ПСЖ, што ќе реши Ал Келаифи?

Француската спортска јавност е во исчекување на разврска во случајот „Килијан Мбапе“ откако францускиот репрезентативец денеска се појави во новиот тренинг камп на ПСЖ.

Позитивно расположен, голгетерот се сретна со старите и со дел од новите соиграчи, а по деталните лекарски прегледи се очекува попладнево да го одржи и првиот тренинг летово. До крајот на денот се очекува во тренинг-кампот да пристигне и претседателот Ал Келаифи, кои вечерва би требало да има и средба „во четири очи“ со проблематичниот голгетер.

Темата ќе биде јасна – инсистирањето на клубот Мбапе или да потпише нов договор или да биде продаден. Од друга страна, на голгетерот воопшто не му се брза бидејќи ако остане во ПСЖ до 1 август 2023 година, за само петнаесетина дена ќе добие бонус за лојалност од 60 милиони евра. Потоа Французинот би добил и уште 90 милиони евра на име плата и нов бонус, по што следното лето би можел како слободен играч да се пресели во Реал Мадрид, опција што „светците“ од Париз ќе настојуваат на секој начин да ја спречат.

Дел од француските медиуми најавуваат дека ако вечерашниот состанок не мине како што треба, Ал Келаифи ќе го испрати најдобриот фудбалер на ПСЖ да тренира со младинците, јасно ставајќи му до знаење дека за него веќе нема иднина во клубот. Извори блиски до фудбалерот тврдат дека Мбапе е свесен за ваквата закана и е подготвен за ваков вид на притисок, па останува да се види дали двете страни би можеле да најдат компромис, или оваа сага ќе трае во текот на целата нова сезона.

Се вчитува...