Жалгирис изгоре во белградскиот „црвено-бел пекол“

Црвена Звезда ја забележа втората евролигашка победа сезонава, откако во премиерниот домашен натпревар славеше над Жалгирис со резултат 73-61. Жалгирис одигра далеку подобро под водство на новиот тренер Јуре Здовц, но литванскиот првак немаше сила во завршницата, подлегнувајќи на фантастичната атмосфера што ја направија домашните фанови во Белград.

Црвена Звезда набрзина поведе со „плус седум“ на почетокот, но потоа гостите се вратија и се играше егал до самиот крај на полувремето, на одмор заминувајќи со водство на „црвено-белите“ од 29-27. Жалгирис благодарение на цврстата одбрана парираше и во третата четвртина, но Црвена Звезда конечно се разбуди во последните десет минути, постинувајќи 27 поени и на крајот стигнувајќи до двоцифрена победа.

Калиниќ со 15 поени беше најефикасен и на овој натпревар на шампионот на АБА-лигата, 13 реализираше Добриќ, а 12 Лука Митровиќ. Прв стрелец на Жалгирис, кој настапи без повредениот Ловерњ, беше Небо со 14 поени.

Се вчитува...