Жалгирис со три едноподруго тројки во последните 100 секунди од загубен меч до триумф над Црвена Звезда

Кошаркарите на Црвена Звезда имаа речиси добиен меч на гостувањето против Жалгирис во Литванија во 20. коло од Евролигата, но дозволија во последните четири минути од мечот да загубат предност од седум поени за конечен пораз од 71-66.

Жалгирис одлично го почна мечот стекнувајќи се со предност од стартот. Но, Црвена Звезда имаше феноменална трета четвртина која ја доби со 12-26 и во последниот период од играта влезе со предност од 50-56.

Во последната четвртина, на четири минути пред крајот Црвена Звезда имаше и предност од 57-64… Но, со неколку грешки дозволија домашните комплетно да се вратат и со тројката на Томас Димса на 1 минута и 44 секунди до крајот да дојдат до израмнување (64-64). По новата грешка на гостите, Улановас со нова тројка на точно една минута до крајот го донесе Жалгирис и до водство од 67-64. И, за да биде се неверојатно следеше и трета едноподруго тројка на Литванците, повторно преку Улановас за 70-64 на 36 секунди до сирената. До крајот, домашните го сведоа мечот рутински до триумф од 71-66.

Најефикасен во победничкиот тим беше Улановас со 13 поени, а по 10 поени запишаа Полонара и Смитс. Кај Црвена Звезда, Филип Петрушев мечот го заврши со 16 постигнати поени.

Жалгирис сега е со 12 победи и 8 порази, додека Црвена Звезда остана на 10 победи, сега и со исто толку порази во Евролигата.

Баерн Минхен во претходниот денешен натпревар славеше на гостувањето против Анадолу Ефес со 81-89.

Се вчитува...