Жалгирис „заспа“ во последната четвртина во Барселона

Барселона останува осамена на петтото место од евролигашката табела откако каталонскиот гигант вечерва го совлада Жалгирис со 78-72. Барса имаше „плус десет“ во третиот период, Жалгирис се врати и поведе со 60-62 на крајот од третата четвртина, но пресудна се покажа одличната одбрана на каталонскиот гигант во последните десет минути. Гостите од Литванија во четвртата четвртина постигнаа само 10 поени, премалку за да се совлада тим како Барселона на гостински терен.

Ханга со 14 поени беше прв стрелец на Барса, два помалку постигна Серафан, а најдобар стрелец на Жалгирис беше Милакнис со 17 постигнати поени.

Дејвид Блат се врати во Тел Авив, овојпат како тренер на Олимпијакос и претрпе минимален пораз од 65-64 од својот поранешен клуб Макаби. Мечот беше неизвесен буквално до последната секунда, најпрвин Спанулис погоди тројка за 63-64, пред поените за победа на Макаби да ги постигне Вилбекин на четири секунди до крајот. Олимпијакос имаше шут за победа, но Принтезис промаши кога беше најважно, за голема радост на домашните фанови.

Будуќност со очаен финиш претрпе нов домашен пораз, овојпат од Химки со резултат 90-98. Шампионот на АБА-лигата имаше водство од 88-87 на една минута до крајот, но потоа одигра катастрофални шеесет секунди и ги разочара верните фанови. Битадзе беше најефикасен кај Будуќност со 17 поени, а прв стрелец на натпреварот беше гостинскиот играч Џордан Мики со 25 поени.

Ефес ја оправда фаворитската улога против Гран Канарија, триумфираќи со 93-74. Гостите од Шпанија имаа предност по првиот дел, но турскиот гигант се разбуди во вистински момент, ги доби преостанатите 20 минути со убедливи 50-28 и заслужено се радуваше на победата. Круно Симон со 25 поени беше предводник на Ефес во оваа победа, Ларкин постигна 18, а Мициќ 16 поени за победничкиот тим.

Се вчитува...