Како што се очекуваше, откако на двапати во изминатите пет одиграни кола не се појави на натпреварите во Третиот фудбалски регион на Македонија, еден од најстарите клубови во нашата држава, Тиверија од Струмица е исклучена од натамошните натпревари во лигата.
Тиверија и во третото коло не се појави на теренот во Берово на мечот со Малеш, а во петтото коло исто така и на теренот против Каменица Саса и дисциплинскиот комесар на лигата донесе исправно решение според фудбалските пропозиции и ја исклучи Тиверија од лигата. Воедно Тиверија е и парично казнета со 250 евра и со минус три бода во наредно првенство, во било која лига ќе игра.
Нешто навистина се случува со Тиверија. Клуб со богата традиција, формиран во далечната 1921, регистриран 1923 година од чии редови потекнува една плејада одлични фудбалери од Струмица.
Постои, како што дознаваме некое незадолство меѓу играчите, кои не тренираа редовно, тимот повеќе на тие три одиграни натпревари играше со подмладен состав по што уследија и три катастрофални порази. Од Овче Поле 11-0, Дојранско Езеро 13-0 и од Хоризонт Турново 10-2. На три меча примија 34 гола, постигнаа само 2 и со тоа се е кажано за ситуацијата во клубот по што доведе до дисквалификација од лигата.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
