Жарко Ристоски испишува историја со Шоненверд

Екс-селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Жарко Ристоски, бележи одлични резултати во швајцарскиот шампионат, каде испишува историја како тренер на Шоненверд. Регуларниот дел од сезоната заврши изминатиот викенд, на кој Шоненверд со победата од максимални 3-0 над Луцерн си го обезбеди второто место во пресрет на плејофот, што е најдобар пласман во клупската историја.

Дуелот со Луцерн беше многу важен за нас, стигнавме до второто место што толку многу го посакувавме, меѓу другото и поради фактот дека Шоненверд никогаш досега во историјата не забележал ваков резултат, а ланската сезона ја заврши на петтата позиција. Самодовербата кај сите е на највисоко ниво и со нетрпение го очекуваме стартот на плејофот. Таму ќе се сретнеме со екипата на Јона, која во регуларниот дел од сезоната ја победивме два пати, со 3-2 и со 3-1. Серијата е во два добиени натпревари, а победникот оди на победникот од дуелот Нафелс – Шенуа. Одиме чекор по чекор, секоја мината рунда во плејофот би била голем успех за нас, а крајна цел секако е пласман во финалето и битка за титулата“ – изјави Ристоски за ЕКИПА.

Шоненверд ќе биде дополнително засилен за плејофот со враќањето на Карлос Гуера, капитенот на репрезентацијата на Мексико, кој беше главен играч на тимот на Ристоски се до незгодната повреда која го оддалечи од терените во последно време.

Серијата од осум победи беше пресудна да стигнеме до второто место. Наскоро очекуваме да се врати Гуера, кој е еден од нашите главни играчи и со чија помош сигурно шансите за висок пласман уште повеќе ни се зголемуваат. Задоволен сум од условите на работа што се овозможени, се функционира беспрекорно, а мене како тренер ми останува само да се грижам за настапите на екипата“ – истакнува Ристоски.

Станува збор за стратег кој имаше одлични резултати како селектор на Македонија, но потоа следеше и разделба од „спартанците“.

Засега сум сконцентриран само на клупските обврски и сакам оваа работа да ја завршам до крај како што треба. Да бидам искрен, враќање во македонската одбојка не е дел од моите планови, кои се поврзани со преселба во некоја од посилните европски лиги“ – порача за крај Жарко Ристоски.

Се вчитува...