Ждреб Вимблдон – Ѓоковиќ и Федерер може да се сретнат само во финалето

Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер може да се сретнат само во финалето на годинашното издание на Вимблдон, одлучи денешниот ждреб. Првиот носител и шампион од последното издание во 2019 година, Ѓоковиќ на патот до финалето најтешки пречки ќе му бидат Русинот, Андриј Рубљов со кој би требало да се сретне во четвртфиналето и Гркот, Стефанос Циципас кој е проектиран за негов противник во полуфиналето.

Во долниот дел од ждребот Данил Медведев во четвртфиналето за противник може да го добие Роџер Федерер, а на оваа страна на ждребот се и Александер Зверев и Матео Беретини. Како што е познато од претходно турнирот го откажа Рафаел Надал, а дел од неофицијалното светско првенство во тенис нема да биде и Австриецот, Доминик Тим.

Во првото коло Ѓоковиќ за противник ќе го има младиот Британец, Џек Дрејпер. Циципас ќе игра против Френсис Тиефо, Федерер со Манарино, а интересно се очекува да биде и во мечевите Басилашвили – Мареј и Умбер – Кирјос.

Кај дамите изненадување е тоа што шампионката од 2019 година, Симона Халеп на десет минути пред почеток на ждребот се одлучи да го откаже своето учество на Вимблдон поради повреда која ја влече веќе подолго време, а поради која не настапи и на Ролан Гарос.

Се вчитува...