Ждрепка за Супер-лигата: Супер-дерби на стартот, Пелистер на мегдан со Вардар во Скопје

Новата сезона од ракометната Супер-лига на Македонија ќе стартува со огромно дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, откако поранешниот и актуелниот шампион беа извлечени во иста група на денешната ждрепка што беше извршена во просториите на Ракометната Федерација на Македонија.

Вардар како третопласиран од оваа сезона се најде во вториот шешир на ждрепката, при што „црвено-црните“ беа извлечени во групата Б, каде како носител веќе беше извлечен Еурофарм Пелистер. Со оглед на редните броеви извлечени за двата тима, ждрепката сакаше овие екипи да се сретнат уште во првото коло од новата сезона, на меч во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Покрај овие две екипи, тука се уште и скопските суперлигаши Пролет, Булет и Мулти Есенс, како и Прилеп и Вардар Неготино.

На спротивната страна, вицешампионот Алкалоид е носител во групата А, каде избраниците на Кире Лазаров за противници ќе ги имаат Тиквеш, Охрид, Еурофарм Пелистер 2, Струга, Куманово, Скопје и Аеродром.

Новата сезона ќе стартува на почетокот од месец септември, а точниот датум ќе биде објавен во текот на следната седмица. Согласно пропозициите, по четирите најдобри екипи од двете групи потоа ќе се преселат во плејофот, каде во зависност од пласманот во групата ќе пренесат и бодови.

ГРУПА А: Алкалоид, Тиквеш, Охрид, Е. Пелистер 2, Струга, Куманово, Скопје, Аеродром

ГРУПА Б: Еурофарм Пелистер, Вардар, Бутел, Пролет, Г.А., Прилеп, Вардар Неготино, Мулти Есенс.

Се вчитува...