Желбата нема да му се исполни: Шалке нема пари за да го врати Чурлинов

Дарко Чурлинов не ја крие желбата да се пресели назад во Шалке во текот на јануарскиот преоден рок, но тоа тешко дека може да се реализира поради големите финансиски проблеми на клубот од Гелзенкирхен.

Весникот „Билд“ од добро проверени извори тврди дека Шалке ќе нема никаков буџет за трансфери во јануари. Спортскиот директор во последните триесетина дена разговараше со Чурлинов и со уште неколку желби на пазарот, но ситуацијата се промени откако Надзорниот одбор на чело со Алекс Хефер и финансиската директорка Кристина Рел-Хамерс ставиле до знаење дека состојбата во клубот е загрижувачка и трошоците во наредниот период мораат да бидат сведени на минимум.

Шалке би можел да доведе нов фудбалер доколку во меѓувреме продаде некој од играчите од актуелниот кадар, но „Билд“ тврди дека „сино-белите“ немаат добиено ниту една понуда. Барнли би го пуштил Чурлинов на позајмица, но и за тоа ќе бара отштета од околу половина милион евра, што Шалке дефинитивно ја нема за да плати.

Македонецот во секој случај останува на излезна врата од англискиот премиерлигаш, а во водство во трката за потпис на Чурлинов е Сент Паули, тим од втората германска лига кој има сериозни амбиции сезонава да обезбеди влез во првата Бундес-лига.

Се вчитува...