Жената, која предизвика тежок судир за време на првата етапа на „Тур де Франс“, конечно е уапсена

Жената, која предизвика тежок судир за време на првата етапа на „Тур де Франс“, конечно е уапсена. Ова го објави полицијата на градот Брест, каде оваа година започна најпрестижната трка со велосипеди во светот.

Непозната жена држеше голем транспарент на кој пишуваше „Алез Опи-Оми“ или „ајде дедо и баба“. Инцидентот се случи откако германскиот велосипедист Тони Мартин налета на неа и се удри, а потоа и падна, за по него како „кула од карти“ да се срушат и другите возачи.

Трката беше прекината пет минути, додека сите возачи станаа. На некои им требаше и медицинска помош. Во тој хаос, жената го преклопила транспарентот и исчезнала во публиката. Тој момент бил снимен од камерите и врз основа на тоа, таа била идентификувана. На почетокот се сомневаше дека станува збор за жител од Германија, бидејќи термините „Опи“ и „Оми“ се користат во таа земја за баби и дедовци, но се покажа дека уапсената жена сепак е од Франција. Други детали од полицијата не беа соопштени.

Поради овој инцидент, возачите симболично протестираа на почетокот на четвртата етапа во вторникот, а Мартин, напиша порака на социјалните мрежи.

„Почитувајте ги возачите на патеките. Користете ја главата или останете дома“, потенцираше Мартин.

Се вчитува...