Жешко е во Париз: Нејмар наместо на тренинг, три часа на разговор со Леонардо

Нејмар конечно пристигна назад во Париз, но тоа не значи и крај на сагата околу статусот на бразилската ѕвезда во ПСЖ и неговата желба да му биде дозволено да се врати назад во Барселона. Тој веќе беше казнет поради доцнењето на подготовките на тимот на Томас Тухел, а денеска веднаш по доаѓањето во тренинг-комплексот Бразилецот не се упати на терен, туку во канцеларијата на директорот Леонардо.

Како што јавуваат француските медиуми, голгетерот воопшто не се појавил на тренингот, но затоа три часа од денот минал разговарајќи со Леонардо околу својот статус и иднината. Ставот на Нејмар е јасен – тој сака по секоја цена да се врати во Барселона, но од друга страна е свесен дека има уште неколку години од договорот со ПСЖ.

Каталонците се уште немаат испратено официјална понуда, но повеќе од јасно е дека немаат пари за да ги вратат оние 222 милиони евра што ги добија од продажбата на Нејмар во ПСЖ пред две години. Токму затоа во понудата ќе бидат вклучени неколку фудбалери на Барса, но интересно ќе биде дали челниците на ПСЖ ќе се согласат на ваква варијанта или ќе инсистираат на парична отштета за својот најскап фудбалер.

Се вчитува...