Жестока борба, тензичен дуел: Поништен гол на Македонија, полувреме без голови на „Тодор Проески“

Македонија и Словенија одиграа прво полувреме без голови на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје во 7. коло од Групата Г во квалификациите за ЕП 2020.

Главно израмнети 45 минути со жестока борба на средината од теренот. На почетокот од дуелот Словенците се заканија преку Вербич и Иличич во 13. минута. Македонската репрезентација возврати на спротивната страна преку шутевите на Елмас во 18. минута и Бобан Николов во 22. минута но беа тоа лесен плен за гостинскиот голман. Најголемата шанса Словенците ја имаа претходно во 20. минута кога Иличич одлично проби по десната страна, го проигра Вербич но неговиот шут од 15 метри блокиран од македонската одбрана заврши непрецизно.

Во 43. минута, во жарот на борбата, и нервоза на теренот, мешаница меѓу фудбалерите на двете репрезентации по што жолти картони заработија Муслиу и Стефан Ристовски кај Македонија и Куртиќ во редовите на Словенија.

Во првата минута од судиското продолжение, Елиф Елмас постигна гол со шут од 12 метри но погодокот беше поништен поради офсајд позицијата на Бобан Николов при шутот на членот на италијански Наполи.

Се вчитува...