Жоао Феликс: Се откажав од многу пари за да дојдам во Барса, сакам само да сум среќен

Жоао Феликс има старт од соништата на авантурата во Барселона, откако португалскиот ас се запиша меѓу стрелците на првите две средби во дресот на каталонскиот гигант.

Зад Феликс е бурно лето кое почна со неговата изјава дека сонува да го облече дресот на Барса, по што следеше „замрзнување“ од првиот тим на Атлетико Мадрид. По долги преговори тој на крајот заврши во таборот на каталонците, но за желбата да му се оствари мораше да жртвува голем дел од својата заработка.

„Вистината е дека се откажав од многу пари од платата што ми беше загарантирана во Атлетико за да дојдам овде во Барселона. Не жалам за тоа, знаев дека ми е потребна промена, да бидам некаде каде ќе се игра офанзивно, ќе се креираат шанси. Секогаш знаев дека ова е вистинското место за мене, но да бидам искрен, не очекував толку добар старт.Чувството е прекрасно, да се има тренер и соиграчи кои максимално веруваат во твоите квалитети“, изјави Жоао Феликс за каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“.

Тој го потенцираше односот на тренерот Чави како една од главните причини за експресната адаптација во новата средина.

„Кога дојдов во Барса, првата работа што ми ја кажа Чави е да излезам на терен и да уживам, да играм со радост и со насмевка. Секако, ми кажа и некои тактички детали околу играта, но најважно беше што од првиот ден почувствував максимална доверба од тренерот кој не сака да ме смени, туку да ги искористи квалитетите што ги поседувам. Тоа е драгоцено“, истакна португалскиот ас.

Се вчитува...