Жорди Алба се согласи на намалување на платата од 25 проценти

Левиот бек на Барселона, Жорди Алба постигна договор со Барселона да му биде намалена платата за 25%, па и двете страни се согласија за одложено плаќање.

Оваа информација ја објави „Мундо Депортиво“, со додавање дека овој договор со еден од четворицата капитени на тимот важи до истекот на договорот во 2024 година.

На овој начин, Алба му се придружи на стоперот Жерар Пике, кој веќе се согласи на намалување на платата, што му помогна на клубот да регистрира нови играчи во Ла Лига, Ерик Гарсија и Мемфис Депај.

„Моето основно размислување беше поврзано со помагање на клубот, ја сакам Барса! Никој во клубот не треба да се сомнева во мене. До пред неколку недели никој не рече ништо за мене во тој поглед“, изјави 32-годишниот ас по натпреварот против Реал Сосиедад.

Останатите двајца капетани, Серхио Бускетс и Сержо Роберто исто така се очекува официјално да се согласат за намалување на платата.

Се вчитува...