ЖРК Пелистер со втора победа до осминафинале во Челинџ купот

Ракометарките на ЖРК Пелистер и пред својата публика во Битола славеа против претставникот на Малта, Ла Сал со 27-20 и со две победи обезбедија пласман во осминафиналето од Челинџ Купот. Пелистерки голем дел од работата завршија уште на првиот меч на гостувањето на Малта минатата недела на кој победија со 24-30.

За битолскиот тим кој од клупата го предводи Викторија Блажевска, ова е историски успех , воедно ЖРК Пелисистер останува и единствен македонски преставник во европските купови во женска конкуренција, по раната елиминација на ЖРК Металург во ЕХФ Купот и на ЖРК Куманово во Челинџ Купот.

На натпреварот во Битола, изедначено беше во првите дваесетина минути во кои Ла Сал успеваше да држи чекор. На седум минути пред крај на првиот дел, ЖРК Пелистер поведе со 9-8, а потоа ја зголеми предноста и на полувремето заминаа со водство од 13-10.

Доминацијата на ЖРК Пелистер продолжи и во вториот дел. За десет минути игра пелистерки веќе се одлепија на 20-14 и ја задржаа предноста до крај.

Ангела Јанкуловска и Маја Каранфиловска постигнаа по шест погодоци, Ива Божиновска запиша пет, а Анастасија Белевска додаде четири гола во победата на ЖРК Пелистер. Повеќе од половина од головите за Ла Сал ги постигна Кристина Кала која беше најефикасна ракометарка на натпреварот со 12 гола.

ЖРК Пелистер по ждрепката во вторник ќе го дознае следниот противник во Челинџ Купот, а настапот ќе го продолжат во февруари наредната година. Првиот натпревар од осминафиналето во Челинџ Купот во женска конкуренција ќе се одигра на 2/3 февруари, а реваншот е на 9/10 февруари.

Се вчитува...