ЖРК Вардар се враќа на голема сцена?

Приказната со ЖРК Вардар не е завршена, во најава е нов амбициозен проект во македонскиот женски ракомет.

Се уште актуелниот европски вицешампион на крајот од сезоната го распушти ѕвездениот состав и во новата стартуваше на домашен погон со млад состав и со многу помал буџет. Според најавите во иднина, ЖРК Вардар треба да ги собере најдобрите македонски ракометарки и да функционира како репрезентативна база.

Во овој проект неофицијално се вклучени луѓе кои се долго во ракометот и добро ги познаваат ракометните прилики. Тоа одново би ги собрало поголем дел од македонските репрезентативки на едно место што на крај, би имало позитивен ефект и на резултатите на македонската репрезентација.

Во малку подруга формација, до пред две сезони репрезентативната база беше во вториот тим на Вардар во кој играа македонските репрезентативки, а тимот го предводеше селекторот Симе Симовски. Но, рестрикцијата во Вардар почна токму од тој состав, репрезентативките лани беа „ослободени од обврските“ и се снаоѓаа која како може. Две – три ракометарки добија место и истуркаа уште една сезона во првиот тим на ЖРК Вардар, а останатите побараа ангажман во странство, претежно во клубовите од Турција, Грција, Романија и неколку во Данска.

За новиот проект засега постои сериозен интерес, но и многу отворени прашања дали ќе биде клуб-репрезентација само со домашни ракометарки или ќе биде репрезентативна база дополнета со неколку странски засилувања со што би бил и тим конкурентен на европска сцена.

 

Се вчитува...