Зидан има еден услов да дојде во ПСЖ, на Меси сигурно нема да му се допадне

ПСЖ повторно не успеа да стигне до посакуваниот успех – пехар во Лигата на Шампионите, па повеќе од јасно е дека деновите на Маурицио Покетино на „Паркот на принцовите“ се избројани. Директорот Леонардо веднаш по поразот му искажа поддршка на тренерот, но јасно е дека конечните одлуки во клубот ги носи „големиот газда“, Насер ал Келаифи, а како што стојат работите тој лесно може да му даде отказ и на Леонардо „во пакет“ со Покетино.

Желбата на Ал Келаифи е јасна веќе подолго време – на клупата на ПСЖ да го доведе Зинедин Зидан. Французинот е без ангажман откако си замина од Реал Мадрид, не крие дека би можел да го преземе кормилото на „светците“, но за тоа да се случи ќе треба да му се исполнат желбите околу визијата за клубот. Француските медиуми јавуваат дека Ал Келаифи уште пред фијаското во Мадрид имал разговори со Зидан, кој инсистирал на еден услов доколку ПСЖ сака да го доведе за тренер, заедно со него во тимот да биде доведен Кристијано Роналдо.

Зидан и Роналдо имаа беспрекорна соработка во Реал Мадрид, а во ситуација кога Мбапе е на излезна врата, а ПСЖ нема лидер на теренот, Зизу инсистира на португалската суперѕвезда во тимот. Ова дефинитивно нема да му се допадне на Лионел Меси, аргентинскиот ас кој воопшто не ги оправда очекувањата по мегатрансферот од Барселона. Во таборот на ПСЖ отсекогаш главен проблем бил судирот на „егото“ на „суперѕвездите“, па лесно може да се случи Зидан тоа да го реши со продажба на Аргентинецот.

Се вчитува...