Зидан: Не сакам да глумам жртва, „Ел Класико“ доаѓа во одличен момент за нас

Две слаби партии на Реал Мадрид на домашен терен и поразите од Кадиз и од Шахтјор придонесоа Зинедин Зидан веќе да не е толку сигурен на клупата на „кралевите“. Медиумите шпекулираат дека во случај на пораз на утрешното гостување во Барселона францускиот стратег би можел да добие отказ, но Зидан не делува премногу загрижено. Напротив, тој е оптимист дека токму против Барса неговите фудбалери ќе влезат во препознатливиот ритам.

„Дали е вистински момент да се игра против Барса? Според мене, ова е вистински момент за нас, да покажеме и квалитет и карактер, да ја свртиме ситуацијата во наша корист. Знам дека не игравме добро во последно време, но јас не сакам да се претставувам како жртва или нешто слично. Во фудбалот има добри и лоши моменти, ние минуваме низ лош период, но мечот со Барса е идеален за враќање во посакуваниот ритам“, вели Зидан.

Тој беше критикуван и за изборот на фудбалери, но Французинот тврди дека се уште има апсолутна доверба во своите асови.

„Ќе верувам до смрт во овие играчи кои ги имам на располагање. Ако треба некој да се критикува, тоа сум јас. Нормално е како тренер да бидам критикуван по поразите, јас сум свесен дека не се живее со успесите од минатото, затоа и сум насочен само кон иднината. Почнувајќи од утрешниот меч во Барселона“, порачува Зинедин Зидан.

Се вчитува...