Тензиите пред неделното Ел Класико, дополнително ги крена клупската телевизија на Реал Мадрид со денешната емисија во која повторно го отвори прашање за судењето.
Клупската телевизија во својата емисија го анализираше натпреварот на најголемиот ривал Барселона од минатата недела кога со 5:2 го победи Бетис и тоа на гости.
Во центарот на вниманието беше моментот од 45-та минута кога на Џовани ло Селсо му беше поништен гол за 2:2. Според Реал ТВ, судијата Де Бургос Бенгоечеа по прегледување на ВАР-снимката го поништил голот поради играње со рака и тоа откако играчите на Барселона почнале да негодуваат.
Поради тоа, Реал Мадрид ТВ тврди дека на неделното Ел Класико, „кралскиот клуб“ против себе ќе има 17 судии.
„Реал Мадрид во Ел Класико ќе мора да се соочи со 17 судии, тројца на тернот, резервниот четврти судија, судиите во ВАР собата и 11-те играчи на Барселона, кои исто така се судии. Сега играчите на Барселона одлучуваат кои одлуки ќе се проверуваат со ВАР, а кои не, бидејќи и тие се судии. Тоа е скандалозно. Во било која друга лига, таквото однесување на играчите на Барселона ќе сноси последици. Неделниот натпревар ќе биде тежок поради проблемите за кои сите сме свесни“, порачаа од Реал Мадрид ТВ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
