Зидан се премислува – Конте сам се нуди на ПСЖ

Антонио Конте успеа да го разбуди Тотенхем, но лесно може да се случи италијанскиот стратег експресно да го напушти кормилото на лондонскиот премиерлигаш. Последните информации поврзани со овој трофеен стратег велат дека тој преку својот агент директно ги нуди своите услуги на ПСЖ, во обид да потпише договор со францускиот првак и да го наследи Покетино на кормилото на „светците“.

Конте не криеше дека е незадоволен од активностите на управата на Тотенхем во јануарскиот преоден рок, за буквално во „пет до дванаесет“ да му бидат доведени Кулушевски и Бентакур од Јувентус. Формата се крена, но на Италијанецот му е јасно дека со овој тим, дури и дополнително засилен, нема никакви шанси да се бори за трофеи во Англија, поради што сериозно ја разгледува опцијата наречена ПСЖ. Тој е подготвен да прифати и двогодишен договор во Париз, за разлика од трите загарантирани години што ги бараше во изминатите преговори со сите заинтересирани клубови.

ПСЖ сака да го доведе Зинедин Зидан за тренер за наредната сезона, но проблем претставува фактот дека за Зизу попривлечна е функцијата селектор на Франција, која зимава би требало да биде слободна, со оглед на најавеното повлекување на Дидие Дешамп. Во една таква ситуација, стратег со реноме на Конте сигурно ќе биде интересен за францускиот гигант, но останува да се види како со Италијанецот би се снашле ѕвезди како Меси и Нејмар, со оглед на неговото инсистирање сите фудбалери да учествуваат во пресингот во одбраната кога противникот ја има топката во свој посед.

Се вчитува...