Зиелински: Мораме да го запреме Пандев ако сакаме да ја победиме Македонија

Плејмејкерот на Наполи, Пјотр Зиелински, е оптимист дека полската репрезентација ќе успее да слави во Скопје и да го заврши третото коло со максимални девет бода во групата. Предупредувајќи ги репрезентативните колеги дека задачата нема да биде нималку лесно, тој го потенцираше Горан Пандев како клучен играч што ќе мора да биде запрен за да се стигне до три бода против Македонија.

„Ќе мора добро да внимаваме на Пандев бидејќи ако му се остави простор, тој знае да биде многу опасен. Оваа сезона, кога игравме против Џенова, одигра извонреден натпревар против нас. Знам дека сите акции на Македонците одат против него, така што ќе мораме да го запреме ако сакаме да победиме во Скопје. Несторовски и Трајковски исто така се опасни во нападот, има и квалитетни интернационалци како Ристовски од Спортинг, Алиоски од Лидс… Македонија е квалитетна репрезентација, но тоа не ги менува нашите планови и желбата за победа во Скопје. Имаме подобар тим од нив, но свесни сме дека тоа мораме да го докажеме на терен“ – истакна Зиелински.

Натпреварот меѓу Македонија и Полска се игра в петок со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...