Зивчевиќ: Најдоброто од Куманово допрва следи

Ненад Зивчевиќ по неколку години пауза се врати во мак-баскетот, облекувајќи го дресот на Куманово. Крилниот кошаркар дебитираше за кумановци на дуелот со Теодо што „сино-белите“ го загубија во неизвесна завршница, но Зивчевиќ е оптимист дека пред неговиот нов клуб се подобри денови.

„Кратко време сум тука и се уште се наоѓаме во фаза на адаптација бидејќи покрај мене е пристигнат уште еден нов американски кошаркар. Несреќно загубивме на овој прв натпревар, значаен проблем ни беше што цело време се подготвувавме за игра со Синадиновиќ за прв плејмејкер, а тој си замина непосредно пред мечот. Штета, бидејќи одигравме добро, водевме во голем дел од натпреварот, но не успеавме да стигнеме до победата“, истакнува Зивчевиќ.

Иако кумановци се наоѓаат во криза и претрпеа три порази на последните три натпревари, Зивчевиќ е оптимист дека тимот наскоро ќе влезе во победнички ритам.

„Ми се допаѓа она што го гледам овде, имаме добар тим од кого допрва се очекува да го покаже вистинското лице. Се работи напорно и квалитетно и очекувам веќе на следните натпревари да ја кренеме играта на уште повисоко ниво и да влеземе во победнички ритам“, вели Зивчевиќ.

Се вчитува...